Врз основа на членовите 4, 12, 13, 15, 16 и 17 од Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија“ бр. 52/10), како и врз основа на член 59 од Статутот на Националната фото унија, Собранието на Националната фото унија, на седницата одржана на ден 31.01.2026 година во Куманово, донесе измени и дополнувања на Статутот на Националната фото унија и усвои
СТАТУТ НА НАЦИОНАЛНАТА ФОТО УНИЈА
(пречистен текст)
I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
Националната фото унија е самостојна, транспарентна, невладина, непартиска и непрофитна организација, основана со цел да ги остварува и усогласува интересите на своите членови преку реализирање на програмски задачи за поттикнување, популаризирање, промовирање и афирмирање на фотографијата, фотографското творештво, фотографската уметност и фотографската култура во Република Северна Македонија.
Член 2
Називот на здружението е: Здружение Национална фото унија, со акроним НФУ. Називот на здружението на англиски јазик е: National Photo Union, со акроним NPU.
Седиштето на Националната фото унија е во Куманово, на улица „Титова Митровачка“ бр. 2.
Член 3
Националната фото унија (во понатамошниот текст: НФУ) има статус на правно лице, со права, обврски и одговорности утврдени со Уставот на Република Северна Македонија, Законот за здруженија и фондации и овој Статут.
НФУ ја врши својата дејност на територијата на Република Северна Македонија.
Член 4
Националната фото унија има свој печат и штембил.
Печатот е со кружен облик, со испишан назив „Национална фото унија“, а во средината се наоѓа заштитниот знак на Унијата.
Штембилот е во правоаголна форма и го содржи називот „Национална фото унија“, како и полиња за број, датум и место.
Член 5
Националната фото унија има свои органи и тела, Статут и општи акти, согласно овој Статут.
Националната фото унија има своја банкарска сметка и во платниот промет со трети лица настапува во свое име и за своја сметка.
Член 6
Националната фото унија може да воспоставува партнерски односи со други организации и здруженија, како и да се зачленува во сродни асоцијации во земјата и во странство, при што во целост ја задржува својата организациска, програмска и правна самостојност.
Член 7
Националната фото унија се стреми кон зачленување и активно учество во меѓународни асоцијации од областа на фотографијата, фотографското творештво, фотографската уметност и култура.
II. ЦЕЛИ И ЗАДАЧИ НА НАЦИОНАЛНАТА ФОТО УНИЈА
Член 8
Националната фото унија и нејзините органи дејствуваат во насока на остварување на следните цели и задачи:
Основна цел на Националната фото унија е да овозможи нејзините членови да ги усогласуваат своите интереси во остварувањето и реализирањето на програмските цели и задачи поврзани со фотографијата.
Основна задача на Националната фото унија е да ги интегрира во Унијата организациите и поединците кои ја третираат фотографијата како уметност и културна вредност.
Да ги поттикнува, поддржува и стимулира своите членови во развојот и унапредувањето на сите облици на фотографско творештво.
Да врши популаризација на фотографијата преку стручна и естетска едукација, преку организирање семинари, фото школи, курсеви, фото кампови и други облици на едукација.
Да ја промовира фотографската уметност преку организирање изложби, фото фестивали, ревии и други облици на јавна презентација на фотографското творештво во земјата и во странство.
Да ја афирмира и вреднува работата на своето членство и, за постигнатите резултати и успеси, да доделува звања, награди и признанија.
III. ЧЛЕНСТВО ВО НФУ
Член 9
Членството во Националната фото унија (во понатамошниот текст: НФУ) е доброволно и се заснова на индивидуално и колективно членување.
Членови на НФУ можат да бидат:
Физички лица – автори и поединци кои ја прифаќаат програмата, Статутот и општите акти на НФУ;
Организации – фото клубови, здруженија и други правни лица кои дејствуваат во областа на фотографијата.
Физички член на Националната фото унија може да биде полнолетен државјанин на Република Северна Македонија, кој ги исполнува условите утврдени со овој Статут.
Физичко лице може да биде член на НФУ независно од тоа дали е член на некоја организација, а членството во организација не е услов за стекнување членство во НФУ.
Физичките членови претставуваат основно и непосредно членство на НФУ и имаат полноправен статус со управувачки права, согласно овој Статут.
Организациите имаат статус на колективни членови, преку кои се поттикнуваат и координираат заеднички активности, програми и јавна промоција на фотографското творештво, без управувачки права во органите на НФУ.
Членството во НФУ не го исклучува, ниту го ограничува членството во други домашни или меѓународни организации од областа на фотографијата.
Член 10
Членството во НФУ се стекнува со поднесување писмена или електронска пристапница.
За физичко лице, пристапницата ја поднесува лицето кое се зачленува.
За организација, пристапница поднесува овластено лице на организацијата, со доставување доказ за правниот статус и одлука за членување.
Одлука за прием во членство донесува Извршниот одбор на НФУ.
Член 11
Почесен член на Националната фото унија може да биде домашно или странско физичко лице, кое со своето творештво, стручна работа или посебен придонес дало значаен придонес за развојот и афирмацијата на фотографијата или Националната фото унија.
Статусот почесен член го доделува Собранието на НФУ, по предлог на Извршниот одбор или Уметничкиот совет.
Почесните членови имаат право да учествуваат во програмските и јавните активности на НФУ и да го носат почесниот назив, но немаат право на глас во Собранието, ниту право да избираат или да бидат избирани во органите и телата на НФУ, освен ако со овој Статут не е поинаку определено.
Член 12
Физичките членови и организациите плаќаат годишна членарина.
Висината на членарината, роковите и начинот на плаќање ги утврдува Извршниот одбор на НФУ со посебна одлука.
Лицата кои се стекнале со највисоко уметничко звање во НФУ, како и почесните членови, се ослободени од плаќање членарина.
Член 13
Физичките членови на НФУ имаат право:
да учествуваат во работата на Собранието на НФУ;
да избираат и да бидат избирани во органите и телата на НФУ;
да учествуваат во креирањето и реализацијата на програмата на НФУ;
да учествуваат на изложби, манифестации и активности под покровителство на НФУ;
да поднесуваат предлози, иницијативи, мислења и забелешки до органите на НФУ;
да бидат навремено и транспарентно информирани за работата на НФУ;
да ги користат услугите и можностите што ги обезбедува НФУ.
Член 14
Организациите, како колективни членови на НФУ, имаат право:
• да учествуваат во програмските активности на НФУ;
да предлагаат изложби, манифестации, проекти и други програмски активности;
да бидат носители или коорганизатори на настани под покровителство на НФУ;
да учествуваат во Советот / Форумот на организации;
да бидат јавно наведувани како организации членки на НФУ.
Организациите немаат право на глас во Собранието, ниту право да избираат или да бидат избирани во управувачките органи на НФУ.
Член 15
Сите членови на НФУ се должни:
да го почитуваат Статутот, општите акти и одлуките на органите на НФУ;
редовно да ја плаќаат членарината;
со својата работа и однесување да придонесуваат за остварување на целите на НФУ;
да го чуваат угледот и интересите на НФУ;
да не дејствуваат спротивно на целите и задачите на НФУ.
Член 16
Членството во НФУ престанува:
со писмено барање, доставено во хартиена или електронска форма;
со смрт на физички член или престанок на работа на организација – колективна членка;
со исклучување од членство поради тешко или повторено непочитување на Статутот и општите акти на НФУ или постапување спротивно на целите и задачите на НФУ.
Во случаите од точките 1 и 2 од ставот 1 на овој член, Извршниот одбор го констатира престанокот на членството.
Физички член или организација – колективна членка кои не ја платиле членарината во утврдениот рок, согласно овој Статут и актите на НФУ, се сметаат за неактивни членови, сè до моментот на подмирување на обврските.
Неактивните членови немаат право да учествуваат во работата и одлучувањето на органите на НФУ, ниту да ги користат правата што произлегуваат од активното членство, сè до повторно стекнување на статус на активен член.
Во случајот од точка 3 од ставот 1 на овој член, Извршниот одбор донесува одлука за исклучување од членство, по спроведена постапка и со образложение.
Против одлуката за исклучување, членот има право на жалба до Собранието на НФУ, во рок утврден со општ акт на НФУ.
IV. ОРГАНИ НА НАЦИОНАЛНАТА ФОТО УНИЈА
Член 17
Органи на Националната фото унија се:
Собрание на НФУ
Претседател на НФУ
Извршен одбор
Секретар на НФУ
Надзорен одбор
Уметнички совет
Совет / Форум на организации
СОБРАНИЕ НА НФУ
Член 18
Собранието е највисок орган на управување на НФУ.
Собранието го сочинуваат сите физички членови на НФУ.
Право на учество во одлучувањето и право на глас во Собранието имаат само активни физички членови на НФУ.
Активен физички член, во смисла на овој Статут, е член кој има платена членарина за тековната календарска година или за календарската година што непосредно ѝ претходи.
Секој активен физички член има едно еднакво право на глас.
Организациите, како колективни членови, можат да учествуваат на седниците на Собранието без право на глас, согласно Деловникот за работа на Собранието.
Член 19
Право да избираат (активно избирачко право) имаат сите активни физички членови на НФУ.
Право да бидат бирани во органите и телата на НФУ (пасивно избирачко право) имаат физички членови кои се активни членови најмалку во последните две (2) последователни календарски години.
Член 20
Собранието:
донесува и го изменува Статутот на НФУ;
донесува Деловник за работа на Собранието;
избира и разрешува Претседател на НФУ;
избира и разрешува членови на Извршниот одбор;
избира и разрешува членови на Надзорниот одбор;
избира редовни членови на Уметничкиот совет;
усвојува програма за работа и годишни извештаи;
усвојува финансиски извештај и завршна сметка;
одлучува за престанок на работа на НФУ;
врши и други работи утврдени со овој Статут.
Член 21
Седниците на Собранието можат да бидат редовни, изборни и вонредни.
Редовна седница на Собранието се одржува најмалку еднаш годишно.
Собранието може полноважно да одлучува ако на седницата присуствуваат повеќе од половина од вкупниот број активни физички членови на НФУ.
За присутни членови, во смисла на утврдување на кворумот, се сметаат:
физички присутните членови;
членовите кои учествуваат по електронски пат;
членовите чии делегирани гласови се уредно евидентирани согласно овој Статут и Деловникот за работа на Собранието.
Доколку на закажаната седница не се обезбеди кворум, седницата се одложува и повторно се закажува во рок од петнаесет (15) дена. На повторно закажаната седница, Собранието може полноважно да одлучува без оглед на бројот на присутни активни физички членови, доколку сите членови биле уредно и навремено поканети.
Одлуките се донесуваат со мнозинство од присутните активни физички членови, освен ако со овој Статут не е предвидено квалификувано мнозинство.
Начинот на работа, постапката за водење на седниците, утврдувањето на кворум и начинот на гласање поблиску се уредуваат со Деловникот за работа на Собранието.
Член 22
Собранието на Националната фото унија може да одржува седници со физичко присуство, со електронско присуство или во комбинирана (хибридна) форма.
Електронското учество подразбира учество на член преку средства за електронска комуникација што овозможуваат истовремено следење на текот на седницата, учество во расправата и изјаснување по точките од дневниот ред.
Активен физички член кој учествува на седницата по електронски пат се смета за присутен член во смисла на кворумот и има еднакво право на глас како и физички присутните членови.
Начинот на утврдување на електронското присуство, идентификацијата на членовите и постапката за електронско гласање поблиску се уредуваат со Деловникот за работа на Собранието.
Член 23
По исклучок, активен физички член кој не е во можност да учествува на седница на Собранието, ниту физички ниту по електронски пат, може да го делегира своето право на глас на друг активен физички член.
Делегирањето на глас се врши со писмено полномошно, во хартиена или електронска форма, доставено до Претседателот на НФУ најдоцна до почетокот на седницата.
Еден активен физички член може да користи најмногу едно (1) делегирано право на глас.
Членот кој делегирал право на глас се смета за присутен член во смисла на утврдување на кворумот, но не учествува во расправата.
Делегираното право на глас важи исклучиво за седницата за која е издадено.
Начинот на евидентирање и користење на делегираното право на глас поблиску се уредува со Деловникот за работа на Собранието.
ПРЕТСЕДАТЕЛ НА НФУ
Член 24
Претседателот на НФУ е носител на извршната функција и законски застапник на НФУ.
Претседателот го избира Собранието од редот на физичките членови кои ги исполнуваат условите за пасивно избирачко право.
Мандатот на Претседателот трае три (3) години, со право на уште еден последователен мандат.
Претседателот претседава со Собранието и со Извршниот одбор.
Член 25
Претседателот:
ја претставува и застапува НФУ;
ги свикува и раководи седниците на Собранието и Извршниот одбор;
се грижи за спроведување на одлуките на Собранието и Извршниот одбор;
предлага програма за работа и годишни извештаи;
одговара за законитото и финансиско работење на НФУ;
врши и други работи утврдени со овој Статут и одлуките на Собранието.
Претседателот за својата работа одговара пред Собранието.
СЕКРЕТАР НА НФУ
Член 26
Секретарот на Националната фото унија е извршна функција со организациски и административни надлежности.
Секретарот е член на Извршниот одбор по функција.
Секретарот го избира Собранието од редот на физичките членови на НФУ кои ги исполнуваат условите за избор, по предлог на Претседателот.
Мандатот на Секретарот трае колку и мандатот на Извршниот одбор, со можност за повторно именување.
Секретарот за својата работа одговара пред Претседателот и Извршниот одбор.
Секретарот ги извршува следните работи:
води евиденција за членството и статусот на активни членови;
се грижи за административната подготовка на седниците
на Собранието и Извршниот одбор;
води и архивира записници, одлуки и општи акти;
се грижи за службената кореспонденција и документацијата;
ја координира комуникацијата меѓу органите на НФУ;
врши и други работи доверени од Претседателот
или од Извршниот одбор.
ИЗВРШЕН ОДБОР
Член 27
Извршниот одбор е највисок извршен орган на НФУ.
Извршниот одбор се состои од непарен број членови, и тоа најмалку три (3), а најмногу седум (7) членови.
Точниот број на членови на Извршниот одбор за секој мандат го утврдува Собранието при изборот на Извршниот одбор.
Членовите на Извршниот одбор ги избира Собранието од редот на физичките членови кои ги исполнуваат условите за пасивно избирачко право.
Мандатот на членовите на Извршниот одбор трае три (3) години, со можност за повторен избор.
Секретарот на НФУ учествува во работата на Извршниот одбор како член по функција, со право на глас.
Член 28
Извршниот одбор:
ја спроведува програмата и одлуките на Собранието;
управува со имотот и средствата на НФУ;
одлучува за прием и престанок на членство;
организира и координира изложби, манифестации и едукативни активности;
се грижи за односи со јавноста и меѓународна соработка;
формира привремени работни групи за конкретни задачи;
подготвува извештаи и предлози за Собранието.
Член 29
Седниците на Извршниот одбор на Националната фото унија можат да се одржуваат со физичко присуство, по електронски пат или во комбинирана (хибридна) форма.
Електронското учество на членовите на Извршниот одбор се остварува преку средства за електронска комуникација што овозможуваат истовремено учество во расправата и одлучувањето.
Член на Извршниот одбор кој учествува на седница по електронски пат се смета за присутен член во смисла на кворумот и има еднакво право на глас како и физички присутните членови.
Начинот на свикување, утврдување на присуство, идентификација и електронско гласање на седниците на Извршниот одбор поблиску се уредуваат со правилник за работа на Извршниот одбор.
НАДЗОРЕН ОДБОР
Член 30
Надзорниот одбор е контролен орган на НФУ.
Надзорниот одбор се состои од три (3) членови, кои ги избира Собранието од редот на физичките членови кои ги исполнуваат условите за пасивно избирачко право.
Надзорниот одбор:
врши надзор над финансиското и материјалното работење на НФУ;
ја следи законитоста во работењето на органите;
поднесува годишен извештај до Собранието.
УМЕТНИЧКИ СОВЕТ
Член 31
Уметничкиот совет е стручно, автономно и независно тело на НФУ.
Уметничкиот совет:
одлучува за доделување уметнички звања;
вреднува и селектира уметнички колекции;
дава стручни мислења и препораки.
Составот, мандатот и начинот на работа на Уметничкиот совет се уредуваат со посебен правилник.
СОВЕТ / ФОРУМ НА ОРГАНИЗАЦИИ
Член 32
Советот / Форумот на организации е советодавно тело составено од претставници на организациите – колективни членови на НФУ.
Советот:
дава иницијативи и предлози за програмски активности;
придонесува кон координација и соработка меѓу организациите и НФУ;
нема управувачки или одлучувачки надлежности.
Начинот на работа на Советот / Форумот на организации се уредува со посебен акт.
V. ОПШТИ АКТИ НА НАЦИОНАЛНАТА ФОТО УНИЈА
Член 33
Националната фото унија (во понатамошен текст: НФУ) ги донесува следните општи акти:
Статут;
Деловник за работа на Собранието;
правилници;
одлуки.
Општите акти се донесуваат во согласност со овој Статут и со закон.
Член 34
Собранието на НФУ ги донесува:
Статутот и неговите измени и дополнувања;
Деловникот за работа на Собранието.
Извршниот одбор на НФУ донесува општи акти и одлуки, и тоа:
правилници за спроведување на одредбите на овој Статут;
одлуки за организација и тековно работење на НФУ.
Член 35
Со правилници се уредуваат прашања од организациска, стручна и оперативна природа, вклучително и:
начинот на работа на Извршниот одбор;
начинот на работа и постапките на Уметничкиот совет;
начинот на работа на Советот / Форумот на организации;
постапките за доделување уметнички звања и признавања;
други прашања исклучиво од организациска, стручна и оперативна природа, неопходни за спроведување на Статутот.
Правилниците ги донесува Извршниот одбор, освен ако со овој Статут поинаку не е утврдено.
Член 36
Правилниците и одлуките донесени од Извршниот одбор:
не можат да уредуваат прашања што се уредени со Статутот;
не можат да воведуваат нови права и обврски за членовите надвор од оние утврдени со Статутот;
не можат да ја менуваат структурата, надлежностите и односите меѓу органите на НФУ утврдени со Статутот.
Член 37
Сите општи и поединечни акти на НФУ мора да бидат во согласност со овој Статут и со закон.
Во случај на несогласност меѓу одредбите на Статутот и одредбите на другите акти на НФУ, се применуваат одредбите на Статутот.
VI. ЈАВНОСТ ВО РАБОТАТА НА НФУ
Член 38
Работата на Националната фото унија е јавна.
Јавноста во работата на НФУ се обезбедува преку:
објавување на одлуки, информации и известувања на официјалната веб-страница и други комуникациски канали на НФУ;
информирање на членовите за активностите и одлуките на органите на НФУ;
организирање јавни настани, изложби и манифестации.
Националната фото унија на својата официјална веб-страница ја објавува организациската структура на органите и телата на НФУ, како и основни информации за нивниот состав и надлежности.
Во рамки на НФУ, ниту еден орган, тело или член нема право неоправдано да го попречува друг орган, тело или член во остварувањето и реализирањето на неговите активности и програмски задачи, во согласност со овој Статут.
Член 39
Јавноста може да биде ограничена кога се разгледуваат прашања кои содржат лични податоци, доверливи информации или прашања чија објава може да нанесе штета на интересите на НФУ, согласно закон.
VII. ИМОТ И ФИНАНСИСКО РАБОТЕЊЕ
Член 40
Средствата за работа на Националната фото унија се обезбедуваат од:
членарини;
средства од Буџетот на Република Северна Македонија;
средства од буџетите на единиците на локалната самоуправа;
донации и спонзорства;
приходи од проекти, изложби, манифестации и други програмски активности;
други извори дозволени согласно закон.
Член 41
Средствата на Националната фото унија се користат исклучиво за остварување на целите и задачите утврдени со овој Статут.
Со средствата и имотот на НФУ управува Извршниот одбор, во согласност со одлуките на Собранието, овој Статут и важечките законски прописи.
Член 42
Финансиското и материјалното работење на Националната фото унија подлежи на надзор од страна на Надзорниот одбор.
Надзорниот одбор поднесува извештај за својата работа и за состојбата на финансиското работење до Собранието најмалку еднаш годишно.
VIII. РЕШАВАЊЕ СПОРОВИ И ОДГОВОРНОСТ
Член 43
Споровите и несогласувањата кои произлегуваат од членството, од примената на овој Статут, општите акти или одлуките на органите на Националната фото унија, првенствено се решаваат во рамките на НФУ.
Член 44
За спорови и прашања во прв степен надлежен е Извршниот одбор на НФУ, освен ако со овој Статут поинаку не е утврдено.
Извршниот одбор е должен да постапува непристрасно, да ги разгледа сите релевантни наводи и докази и да донесе образложена одлука.
Член 45
Против одлуката на Извршниот одбор донесена по спорно прашање, засегнатиот член има право на жалба до Собранието на НФУ.
Одлуката на Собранието по поднесената жалба е конечна во рамките на НФУ.
Член 46
Членовите на НФУ сносат одговорност за своето постапување доколку со дејствие или пропуст:
• ги прекршат одредбите на овој Статут или општите акти на НФУ;
• постапуваат спротивно на целите и задачите на НФУ;
• го нарушат угледот, интересите или законитоста на работење на НФУ.
Член 47
Видовите на одговорност, дисциплинските мерки и постапката за нивно изрекување се уредуваат со посебен правилник, донесен од Извршниот одбор, во согласност со овој Статут.
IX. ИЗМЕНИ И ДОПОЛНУВАЊА НА СТАТУТОТ И ДРУГИТЕ ОПШТИ АКТИ
Член 48
Иницијатива за измени и дополнувања на Статутот или за донесување нов Статут може да поднесат најмалку една третина (1/3) од вкупниот број членови на Собранието на НФУ.
Иницијативата се поднесува во писмена форма, со конкретни предлози и образложение, до Извршниот одбор.
Член 49
Извршниот одбор е должен, во рок од 30 дена од приемот на иницијативата, да ја разгледа и да покрене постапка за измена и дополнување на Статутот, односно да ја достави до Собранието.
Извршниот одбор може и по сопствена иницијатива да предложи измени и дополнувања на Статутот или донесување нов Статут.
Член 50
Одлука за измена и дополнување на Статутот или за донесување нов Статут се смета за усвоена ако за неа гласале најмалку две третини (2/3) од присутните активни членови со право на глас во Собранието.
Член 51
Другите општи акти на НФУ се менуваат и дополнуваат од органот што ги донел, по сопствена иницијатива или по барање на секој член на НФУ, поднесено во писмена форма со образложение.
X. СПОЈУВАЊЕ, ПРЕСТАНОК НА РАБОТА И ЛИКВИДАЦИЈА НА НФУ
Член 52
Одлука за спојување на Националната фото унија со друга организација, за приклучување кон друга организација или за престанок на работа на НФУ се донесува од Собранието со најмалку две третини (2/3) гласови од присутните активни членови.
Член 53
НФУ престанува со работа ако:
бројот на активни членови се намали под три (3);
трајно престанат да се остваруваат целите и задачите за кои е формирана;
Собранието донесе одлука за престанок на работа;
настапи случај предвиден со Законот за здруженија и фондации.
Член 54
Во случај на престанок на работа на НФУ се спроведува постапка за ликвидација, согласно закон.
По подмирување на обврските кон доверителите и трошоците на постапката, преостанатиот имот се пренесува на здружение, установа или фондација со исти или слични цели, по одлука на Собранието.
Доколку Собранието не може да донесе одлука, имотот преминува во сопственост на единицата на локалната самоуправа на чие подрачје е седиштето на НФУ.
Средствата добиени од државниот буџет или други јавни фондови се враќаат во буџетот од кој се доделени, согласно закон.
Член 55
За престанокот на работа на НФУ, Претседателот на НФУ е должен да го извести Централниот регистар на Република Северна Македонија, кој спроведува постапка за бришење на здружението.
XI. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 56
Со влегување во сила на овој Статут, сите постојни правилници, одлуки и други општи акти на Националната фото унија ќе се усогласат со неговите одредби во рок од шест (6) месеци.
До донесување на новите или усогласените акти, ќе се применуваат постојните акти, доколку не се во спротивност со овој Статут.
Член 57
Овој Статут стапува во сила со денот на неговото донесување од страна на Собранието на Националната фото унија.