Македонскиот фотограф Александар Томовски постигна историски успех на престижната Фото-Олимпијада (PhotOlympic 2025) што се одржа во Санкт Петерсбург – Русија, освојувајќи три златни медали во категориите Култура, Насипи и Сенки, како и две бронзени во Броеви и Храмови. Со овој подвиг тој уште еднаш ја потврди својата позиција како еден од најуспешните современи фотографи од Македонија на меѓународната сцена.
PhotOlympic е престижен меѓународен фотографски натпревар организиран од НВО „Лига на професионални фотографи“ од Санкт Петерсбург – Русија и фото-заедницата „Frame24“ од Нови Сад – Србија, во соработка со Меѓународната асоцијација на уметнички фотографи (IAAP – International Association of Art Photographers). Ваквата соработка му дава на натпреварот институционален кредибилитет и ја потврдува неговата важност во светски рамки.
За да стигне до овој резултат, Томовски помина низ три елиминациони круга, продолжи во полуфиналето, а на крајот се најде во финалето, каде што во силна конкуренција од автори од целиот свет повторно блесна со својот препознатлив визуелен потпис. Во полуфиналната рунда настапија фотографи од земји како Македонија, Турција, Индија, Иран, Романија, Индонезија, Ирак, Бугарија, Оман, Русија, Србија, Обединетото Кралство, Црна Гора, Казахстан, Виетнам, Бангладеш, Босна и Херцеговина, Бразил, Тајланд и други, што уште еднаш го потврдува глобалниот карактер и високото ниво на конкуренција на ова натпреварување.
Овој успех е дел од континуираната низа на извонредни достигнувања во кариерата на Томовски. Лани, во рамките на концептот 24 Frames, тој постави рекорд по број на освоени медали на едно такво натпреварување – вкупно 12 (5 златни, 5 бронзени и 2 сребрени). Концептот на „24 Frames“ е уникатен предизвик: учесниците, и во полуфиналето и во финалето, добиваат 24 различни теми и имаат само 24 часа да создадат и прикачат по една фотографија за секоја тема. Овој формат бара не само креативност, туку и извонредна брзина, адаптибилност и способност да се пренесат идеи во екстремно ограничен временски рок.

Фото – селекција од полуфиналната и финалната колекција















Видео – PhotOlympic 2025