На 11 април 2022 година во просториите на Занаетчискиот дом во Куманово, се одржа изложбата „Носталгија втор дел“ на Коста Дупчинов. На изложбата беше претставена колекција од 34 фотографии и тематски е продолжение на неговата прва изложба „Носталгија“ од 2017 година. Изложбата беше организирана со поддршка на Фото клуб Куманово, Национална фото унија и Фондација за култура и спорт од Куманово.
– Колекцијата на фотографии е составена од моменти и емоции доловени преку уметничка фотографија. Портрети на херои на едно време, занаетчии и нивните дела. Додека нивното време минува, нивните дела и занаети остануваат безвременски, со носталгичен став гледаат кон минатото. Овие занаети се инструментални за многу заедници низ историјата, а услугата што им ја прават на луѓето е немерлива, но за жал, умира во нашиот современ свет, ќе изјави приредувачот на изложбата.
Коста Дупчинов (1985, Битола), дипломирал на Техничкиот факултет во Битола на отсекот Информатика и компјутерска технологија. Трета година е на постдипломските студии на ЈНУ Институт за филм, Филмска академија Охрид, отсек Кинематографија. Љубовта кон фотографија ја има од најрана возраст, инспириран од неговиот дедо кого често го гледал како фотографира и развива фотографии. Професионално се занимава од 2006 година, како фотограф во фотостудио во Битола, а исто така во тој период работи и како камерман за телевизија Канал 5. Во 2011, како еден од основачите на Фотокино клуб Битола, почнува да учествува на меѓународни и државни изложби. Има учествувано на повеќе од 70 изложби и освоено 20-ина награди и признанија. Неколку години неговите фотографии се дел од колекцијата која ја претставува земјава на ФИАП Светскиот куп на фотографија.