На 8 септември 2022 година успешно заврши приемот на фотографии за конкурсот „Куп на македонска фотографија“. На конкурсот учество зедоа 132 фотографи од Република Македонија со вкупно 863 фотографии во две секции:
• слободна црно-бела – 370 фотографии;
• слободна колор – 466 фотографии.
По градови, најголем број на учесници има од Куманово (48), Скопје (31), Битола (13) или вкупно 19 различни градови од Македонија. Доминантни се слободните артисти, а од клубовите највеќе се истакнуваат Фото клуб Куманово од Куманово, Фото-кино клуб Битола од Битола, Фото-кино клуб Прилеп и Фото-кино клуб Ванчо Прќе од Штип.
За жирирањето се задолжени: Димитар Ристески (НФУ КМФ), Димитар Чунговски (НФУ КМФ) и Марина Атанасовиќ (НФУ КМФ).
Димитар Ристески е роден во Прилеп, 1983 година. Дипломирал на Отворениот интернационален универзитет за човеков развој во Киев, Р Украина. Во моментов работи на Економскиот факултет во Прилеп како ИТ-менаџер. Активен во фотографијата е од 2010 година. Учествувал на бројни домашни и меѓународни изложби на уметничка фотографија каде што постигнал значајни резултати. Фотографијата за Ристески претставува и љубов и инспирација во неговото секојдневие. Бил претседател на Фото-кино клуб „Прилеп“. За време на неговото раководење беше реактивиран Фото-кино клуб „Прилеп“ и сега овој клуб претставува еден од клучните фотографски здруженија во Македонија. Под негово претседавање се организираат бројни меѓународни изложби, од кои најзначајни се: „Прилепски салон“, „Фото круг“, „Фото движење“.
Димитар Чунговски – Чунга е роден во Битола, 1979 година. Неговите почетоци во фотографијата се поврзани со рачната изработка на аналогна црно-бела фотографија уште на мала возраст, за време на основното образование. По направената пауза за време на неговите студии, а со доаѓањето на дигиталната технологија, во 2003 година тој продолжува со фотографската уметност. Активно членува во Фото-кино клуб „Битола“ од неговото формирање. Димитар Чунговски-Чунга е еден од најзначајните млади македонски фотографи чиешто творештво не може да се одмине. Воден од кредото дека значењето на авторот не се мери според бројот на создадените фотографски творби, туку според досегот на неговиот творечки замав и уметнички ефект, тој создава маркантни фотографски творби што на извесен начин претставуваат авторски белег. Притоа, своето раскошно фотографско мајсторство не го ограничува во еден омеѓен простор, туку со ист жар и творечка инвентивност создава во повеќе фотографски жанрови, суштествено придонесувајќи за својот растеж и растежот на македонската фотографија. Впрочем, неговите фотографски творби се верификувани со многу стручни награди и признанија на домашни и на меѓународни изложби на уметничка фотографија. Учествувал на повеќе од педесет домашни и меѓународни групни изложби на фотографии каде што има освоено голем број награди и признанија. Во 2016 година во Куманово ја одржува својата прва самостојна изложба „Два Света“, на која се претставува со 40-тина фотографии, а потоа истата ја прикажува и во Битола, Струмица, Крива Паланка, Кавадарци, како и во Параќин – Р Србија.
Марина Атанасовиќ е родена 1982 година во Куманово каде сѐ уште живее и работи. Основно и средно образование завршува во Куманово, а Филозофскиот факултет во Скопје. Уште од рана возраст е внесена во светот на уметноста, преку нејзината мајка која ја носи скоро на сите изложби и уметнички настани кои се одржуваат во градот. Тоа полека ѝ го трасира патот кон уметничката фотографија. Како учесник на еден семинар „SeeU in motion“ во 2003 г., се запознава со професионални фотографи од Белгија и од Франција, по што ѝ се раѓа идејата и самата таа да заплови во тие води. Но, на таков потег се одлучува дури една деценија подоцна. Во 2013 година се запишува на курс по фотографија, којшто го води Владимир Јовановски во Фото-кино клуб „Козјак“ во Куманово. Во 2014 година, заедно со дваесетина љубители на уметничка фотографија, го основаат Фото клуб „Куманово“. Фотографирањето го перципира како можност да ја искаже приказната на оние коишто тоа не го можат. Фокална точка ѝ се луѓето во просторот и во времето во кое се наоѓаат, било по своја или по туѓа вина. Интересен пристап има и кон фотографирање на архитектурата. Експериментира и со концептуална фотографија, преку која ги изразува своите најдлабоки мисли и чувства. Учествува во повеќе од педесет интернационални и домашни салони, на кои има добиено многу награди и признанија. Прва самостојна изложба насловена како „Делфинографија“ ја остварува во клупските простории во рамките на Малинскиот фото фестивал во 2016 година. Во 2017 година е прогласена за фотограф на годината во Куманово, а во 2018 година е избрана за претседател на Фото клуб „Куманово“. Таа е една од организаторите на Малински фото фестивал и „Жените и фотографијата“. Учествува како член на жири-комисии во Турција, Египет, Куманово и во Кратово.