На 25 јули 2023 година во 19:30 часот во предворјето на црквата Св.Софија ќе биде отворена изложбата на македонскиот фотограф Александар Томовски насловена како „Над кулисите“. Изложбата е во рамките на фестивалот Охридско лето.
Александар Томовски е роден 1985 година во Скопје – софтверски инженер преку ден, фотограф и филмаџија во останатото време.
Неговата љубов кон фотографијата се буди во природата и планинските височини, па се симнува и расте низ градските улици и се доближува до секојдневието на луѓето, за постепено да се насочи во доловување на суштината на жената, која низ вековите ја дефинира уметноста и претставува вечна инспирација за уметниците. Можеби тука некаде го пронаоѓаат своето место и балетот и балерините, со сета елеганција и грациозност којашто ја поседуваат, но и експресиите преку глумата, танцот, костимите…
Низ годините учествува на престижни меѓународни натпревари и групни изложби во истакнати галерии, стекнувајки се со бројни златни, сребрени, бронзени медали, почесни награди, дипломи, признанија…
На натпревари под патронат на престижните FIAP, PSA итн. се среќава и како член на жири комисијата, а за прв пат како претставник од С. Македонија е поканет и во жирито на годишните награди на рускиот интернационален натпревар 35Awards.
Од септември 2022 се стекнува и со престижното звање: Кандидат – мајстор на фотографија при Националната Фото унија на Македонија и прогласен во топ 5 најуспешни излагачи на фотографија за 2022 и 2023 година. Томовски, моментално е во формално исчекување за доделување на титула Мајстор на фотографија.
Во 2022 година ја отвори својата прва самостојна изложба насловена: „Над кулисите“, во Младински културен центар – Скопје, а во мај, оваа 2023 во фоајето на Националната опера и балет се претстави со изложбата „1001 приказна“ во рамки на фестивалот „Мајски оперски вечери“.
„Александар е современиот скопски Едгар Дега. Повеќе е присутен зад сцената на Националната опера и балет и од самите балерини. Своевремено, Дега со својот тефтер неуморно ги скицирал активностите на балерините зад и на сцена – сликал и вајал. Но, да имал фотоапарат и камера, сигурен сум дека ќе фотографирал и ќе снимал! Токму тоа задоволство го ужива Александар, каде што со години е присутен помеѓу ходниците, сцената, зад сцената, салите за вежбање…“ – Дејан Џолев – Скала.
„Над кулисите“ (Above the curtains) претставува колекција фотографии која во континуитетот го следи авторот и неговите фасцинации од сцената на Националната опера и балет; доближувајќи нѐ до балетот и балерините во „Зад кулисите“, за преку „1001 приказна“ да долови широк спектар од оперската и балетската, како и музичката дејност која се создава во рамките на Националната опера и балет, и преку „Над кулисите“ да пренесе една уникатна перспектива, која од несекојдневна гледна точка ја пренесува сцената и сценските уметници доловени од птичја перспектива.