Почитувани,
на 05 март 2024 година со почеток во 19:30 часот во Уметничка галерија при НУ “Музеј” – Куманово ќе се оддржи петтата самостојна изложба на фотографии на кумановскиот фотограф Марјан Јаневски насловена како “Заборавени”.
Марјан Јаневски (роден 1963 г.) КМ ФСМ, AFIAP, е исклучителен автор во македонската фотографија, со оригинален пристап и истенчен вкус за естетиката што само по себе го прави посебен. На фотографската сцена се појавува 1983 година како член на Фото-кино клуб „Козјак“ од Куманово. Излагајќи ги своите фотографии низ тогашна Југославија, но и надвор од неа, се афирмира себе си, својот клуб и македонската фотографија. Кога фотографира внимателно и креативно ја користи светлината и фотоапаратот, тој не го лови моментот туку заробениот миг е созреана последица, а неговото клик е излив на емоција. Фотографиите настануваат во него, а светлината и фотоапаратот се само средство со чијашто помош ја материјализира внатрешната емоција. Kако автор е разноврсен во избор на мотивот, но сепак убавината на жената е предизвик на кој не може да му одолее. Таа е неговата постојана тема. Неговите фотографии ги красат посебноста, импресијата, мигот, формата, светлината, бојата, донесената и пренесената емоција. Неговите фотографии ги има претставено и на две самостојни изложби од кои едната е тематска „In Koncert“. Во тоа време активно учествува во работата на Фото Сојуз на Македонија и Фото-кино клуб „Козјак“. Добитник е на повеќе награди и признанија, а 2005 година е прогласен за кандидат-мајстор на фотографија на Фото Сојуз на Македонија. Неколку години подоцна во Париз е прогласен за артист на фотографија (АFIAP) од Интернационалната фотографска асоцијација. Како напреден и афирмиран автор учествува во жири-комисија на повеќе домашни и на интернационални изложби на уметничка фотографија. Животната желба, во Куманово да се организира меѓународна изложба на фотографии, ја реализира како претседател на Фото-кино клуб „Козјак“ создавајќи го брендот „Фото салон Куманово“ кој успешно опстојува и денес. Фотографијата до денес остана негова љубов, па и сега знае да изненади со современи и напредни идеи. Почесен член е на Фото-кино клуб „Козјак“ и Фото клуб „Куманово“.