Синоќа, во фоајето на Центарот на култура Nuck Markocepenkov во Прилеп, свечено беше отворен првиот Прилеп Фото Фест, организиран од Фото Кино Клуб „Прилеп“, со поддршка на Министерство за култура / Ministria e Kulturës.
Фестивалот започна со две самостојни изложби на фотографии од авторите Dimitar Risteski и Мери Бошкоска кои се најголемите иницијатори за реализација на овој настан. Двете колекции вклучуваа по 20 фотографии, но секоја се истакнуваше со различни техники на изразување – едната фокусирана на современите дронски снимки кои го откриваат светот од необични агли, додека другата ги претстави урбаните пејзажи преку моќни црно-бели композиции, создавајќи контраст во стилот и перспективата.
Димитар Ристески е член на Национална фото унија на Македонија и со уметничка фотографија се занимава повеќе од 15 години. Тој е добитник на бројни награди и признанија на домашни и меѓународни конкурси. Како поранешен претседател на Клубот, значително придонесол за рестартирање и обновување на сјајот на Клубот. Неговото искуство и авторитет во полето на фотографијата се препознаени и преку неговата улога како жири член на многу меѓународни изложби. Пред околу две години, Димитар започна да фотографира со дрон, што го обогати неговото уметничко портфолио, овозможувајќи му да ги открие и прикаже просторите од сосема нова перспектива. Со вешто користење на дронот, а во исто време воден од неговото уметничко око, тој создава уникатни визуелни приказни кои публиката имаше можност да ги погледне на самата изложба. Неговата колекција „Светот одозгора“ е составена исклучиво од дронски фотографии кои покажуваат како промената на аголот на гледање може да влијае на нашата перцепција на просторот.
Мери Бошкоска, исто така член на Националната фото унија на Македонија, како проектен координатор во Фото Кино Клуб „Прилеп“ активно работи на координација на проекти од областа на културата, со посебен фокус на фотографската уметност. Од 2019 година, па се до денес, таа има освоено повеќе од 100 награди на национални и меѓународни конкурси, а воедно била член на жири комисии на меѓународни изложби. Посетителите имаа можност преку нејзината колекција „Црно бели фрагменти“ да го доживеат урбаниот свет на еден поинаков начин – претставен преку геометриски форми и линии кои го дефинираат просторот околу нас, а кои често остануваат неприметени во секојдневниот живот. Заедничка карактеристика на сите 20 фотографии е присуството на човекот што создава чувство на интроспекција и самотија во динамичниот градски пејзаж.
Целта на фото фестивалот е да се продлабочи соработката, едукацијата и споделувањето на знаења и искуства меѓу фотографите од регионот, за поголема афирмација на фотографијата како уметност, но и на промоција на Прилеп и Крушево како атрактивни туристички дестинации.
Фестивалот продолжи со фото работилница во салонот на Градската библиотека „Борка Талески“ под водство на фотографот Aleksandar Tomovski, мајстор на фотографија на Национална фото унија на Македонија. По завршувањето на работилницата, присутните имаа можност да уживаат во дигитални проекции од пет македонски и странски автори. На проекцијата беа преставени колекција на фотографии од авторите Özgür Seçmen од Турција, Fadhel Almutaghawi од Кралството Бахраин, Слободан Чавић од Србија, како и на домашните автори Vladimir Jovanovski од Фото Клуб „Куманово“ и Goran Poposki од Фото кино клуб – Прилеп. На крајот, посетителите ја разгледаа и групната изложба на фотографии во истиот простор.
Прилеп Фото Фест заврши денес со еднодневно фото сафари во Крушево, каде учесниците имаа уникатна можност да ја истражат природната и културната убавина на овој град. Под водство на организаторите, учесниците беа водени по најзабележителните локалитети, каде што фотографираа идилични пејзажи, традиционални архитектонски објекти и автентични сцени од секојдневниот живот на локалното население.
Во текот на фото дружбата, учесниците се запознаа со техниките на фотографирање на отворено, вклучувајќи ја употребата на природната светлина и различни агли на гледање за постигнување на најдобри резултати. Специјален акцент беше ставен на креативноста и индивидуалниот стил на секој фотограф, што дополнително ја обогати атмосферата на настанот.
На крај, учесниците се собраа на заедничка анализа на направените фотографии, разменувајќи идеи и искуства, што создаде дополнителна инспирација и мотив за идни фото дружби. Сите присутни изразија големо задоволство од искуството и се согласија дека ваквите настани придонесуваат за афирмацијата на фотографијата како уметност и за поврзување на локалната фотографска заедница.
Прилеп Фото Фест остави силен печат, поттикнувајќи креативност и создавајќи нови можности за соработка меѓу фотографите.