На 13 октомври 2022 година во 20:00 часот во просториите на Младински Културен Центар – Скопје ќе биде отворена изложбата на Александар Томовски насловена како „Зад кулисите“.
Александар Томовски е роден во 1985 година во Скопје, Македонија – софтверски инженер преку ден, фотограф и филмаџија во останатото време.
Неговат љубов кон фотографијата се буди во природата и планинските височини, па се симнува и расте низ градските улици и доближува до секојдневието на луѓето, за постепено да се насочи во доловување на суштината на жената, која низ вековите ја дефинира уметноста и претставува вечна инспирација на уметниците. Можеби тука некаде го пронаоѓаат своето место и балетот и балерините, со сета елеганција и грациозност којашто ја поседуваат, но и експресиите преку глумата, танцот, костимите…
Низ годините учествува на бројни престижни меѓународни натпревари и групни изложби во истакнати галерии, стекнувајки се со златни, сребрени, бронзени медали, почесни награди, дипломи, признанија.
Од септември 2022 се стекнува и со престижното звање Кандидат Мајстор на Фотографија при Националната Фото Унија на Македонија.
„Александар е современиот скопски Едгар Дега. Повеќе е присутен зад сцената на Македонска опера и балет и од самите балерини. Своевремено, Дега со својот тефтер неуморно ги скицирал активностите на балерините зад и на самата сцена – сликал и вајал. Но, да имал фотоапарат и камера, сигурен сум дека ќе фотографирал и ќе снимал! Токму тоа задоволство го ужива Александар, каде што со години е присутен помеѓу ходниците, сцената, зад сцената, салите за вежбање…“
Дејан Џолев, Скала Магазин