Почитувани,
Ве известуваме дека изложбата skopjEmotion ќе биде поставена во холот на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од 1-30 ноември 2023, во рамките на одбележувањето на 78. годишнина на Библиотеката и празникот 13 Ноември. Настанот е дел од програмата на Град Скопје – Европска престолнина на културата за 2028 година.
Скопје е дете во душата, движење во ритам, исполнет поглед под еден чадор, соѕвездие од светови, самување без осаменост, мост меѓу сите наши јас, чаршиски муабет, скриено ќоше и паралелна димензија од еден излог… Скопје едноставно Е!
Анита Палческа е родена во Скопје, се школува, работи и живее во својот роден град. Сериозно се занимава со фотографија од 2008 година. Фокусирана е на изразување преку документарната фотографија, но работи и во другите жанрови. Уличната фотографија ја разбира како составен дел од своето секојдневие, забележувајќи ги настаните, луѓето и случувањата околу себе. Учесник е на повеќе меѓународни и домашни групни изложби, каде е добитник на повеќе признанија и награди. skopjEmotion e нејзина прва самостојна изложба, составена од 10 серии од фотографии направени во периодот 2011-2023 година, групирани со невидливи нишки од поврзани сеќавања, емоции и состојби низ кои поминуваме заедно со нашиот град.