Во општина Тунџа, Бугарија, се одржа меѓународен фото пленер, односно фото сафари, кој обедини фотографи од повеќе земји од регионот со заедничка цел – преку фотографијата да се документираат природата, луѓето, секојдневието и традиционалните обичаи на овој крај.

Во текот на пленерот, учесниците имаа можност да ја истражуваат областа, да посетат повеќе населени места и преку своите објективи да создадат визуелни приказни за животот во руралните средини. Посебен акцент беше ставен на автентичноста на локалното население, народните обичаи, културното наследство и врската помеѓу човекот и природата.
Особено значајно за нас е учеството на тројца претставници од Македонија, членови на Националната Фото Унија на Македонија, кои со својата работа дадоа активен придонес во овој меѓународен фотографски проект. Нивното присуство е уште еден важен чекор во претставувањето на македонската фотографија надвор од нашите граници.
Ваквите настани не се само можност за создавање фотографии, туку и простор за средба, размена на искуства и зацврстување на пријателствата меѓу фотографите од регионот. Преку заедничката работа на терен, авторите градат нови професионални и лични врски, отворајќи простор за идни соработки и заеднички културни иницијативи.
Како резултат на фото пленерот „Тунџа“, беше организирана изложба со избрани фотографии, на која беа претставени највпечатливите моменти создадени за време на настанот. Изложбата ја прикажува Тунџа преку погледот на фотографите – како место исполнето со природа, традиција, човечки приказни и автентична балканска душа.




