Записник од состанок на Извршниот одбор на НФУ одржан на 16 јануари 2022 г.

Присутни членови на ИО: Атанасовиќ Марина, Здравев Зоран, Јовановски Владимир, Ристески Димитар и Чунговски Димитар.

Присутен член на Надзорен одбор: Наумовски Јован

Во отсуство на Претседателот на НФУ, Стефан Илиевски, седницата на Извршниот Одбор на НФУ беше отворена од страна на Зоран Здравев. Согласно предложениот дневен ред, на седницата се најдоа следните точки:

1. Редовни активности на НФУ;

2. Правилници и звања на НФУ;

3. Одлука за членарина за 2022;

4. Разно.

Дневниот ред беше ставен на гласање и изгласан едногласно.

По првата точка од дневниот ред Владимир Јовановски отвори дискусија и ги образложи измените на веб сајтот што беа извршени од него и Стефан Илиевски. Беше образложено дека е направена основна конструкција на страницата за пријава, персонална страна за членовите и нивна галерија. Исто така рече дека се направени обрасци за печатената форма на пристапниците и работна Годишна програма за делување на НФУ во 2022 година. Владимир Јовановски накратко ја образложи годишната програма. Зоран Здравев дополни дека во годишниот план треба да влезе заокружувањето на административните работи, документите, правилниците, уписот на нови членови и сето тоа да биде објавено на веб сајтот. Зоран Здравев изрази мнение дека главната цел на НФУ е зголемувањето на членството. Бидејќи немаше повеќе јавени за дискусија се премина на точка 2.

Втората точка на дневниот ред ја образложи Зоран Здравев. Рече дека има изработено работна верзија на Правилникот за звања на НФУ и истата ја има испратено до сите членови. Напомена дека има дилеми за тоа како јазично да изгледаат звањата според правилата на македонскиот јазик и предложи да бидат исфрлени потребните принтови за звањата Кандидат Мајстор и Мајстор на фотографија. Владимир Јовановски сумираше што беше договорено на претходниот состанок и рече дека на членовите им се бројат прифатените фотографии само од годината кога имаат платено членарина. Ова правило не важи за годините пред да се формира НФУ и ова прашање останува да биде дефинирано. Исто така беше нагласено дека од работната верзија на правилникот се отстранети бодирањето, процентите и т.н. Зоран Здравев зеде збор и изјави дека ова е првична форма на Правилникот и дека истиот ќе биде подложен на измени доколку се покаже потреба за тоа. Владимир Јовановски дополни дека е исфрлена поделбата на уметнички и излагачки звања и е споена во едно, а почесните звања се оставени. Владимир Јовановски исто така предложи наместо звањето Надмајстор да стои Доајен, а во почесните звања наместо Доајен да стои Лауреат. Зоран Здравев и Димитар Чунговски предложија наместо Почетник Фотограф да се изнајде некоја нова формула за да не звучи демотивирачки за новите членови. Зоран Здравев предложи да биде усвоен Правилникот за звања со нагласување дека називите ќе се коригираат во некои од наредните состаноци по консултација со стручни лица т.е. македонисти. Владимир Јовановски додаде дека за некои од повисоките звања е потребно да има финансиски надомест од страна на апликантите со што би се покриле дел од материјалните трошоци за изработката на плакети или учеството на стручни лица од странство. Зоран Здравев се согласи и рече дека тие луѓе што ќе учествуваат во оценувањето на делата, пишувањето коментари или сл. треба да добијат хонорар. Исто така Зоран Здравев изнесе мислење дека е во дилема дали по стекнувањето на едно звање треба да постои извесен временски период за апликација за друго звање. Владимир Ј. и Димитар Чунговски се согласија со Зоран 3. Исто така беше нотирано дека за почетните звања може да се аплицира групно, додека истото правило не важи за мајсторските звања. Зоран 3. предложи наместо Почетник Фотограф да стои Кандидат Фотограф што беше прифатено од останатите присутни. Исто така се наметна прашањето каква плакета треба да добие авторот со звање Надмајстор на Фотографија на НФУ. Владимир J. изјави дека по ова прашање треба да се консултира со изработувачите на плакети и сходно на тоа да се дефинира видот на плакета. Јован Наумовски го постави прашањето како треба да се третираат потенцијалните членови на НФУ со формално фотографско образование. Зоран З. и Владимир Ј. изјавија дека не треба истите да имаат посебни бенефити. Јован Н. исто така изјави дека треба да се стапи во контакт со други фотографи кои би биле заинтересиран за членство во НФУ. Откако дискусијата беше исцрпена се премина на гласање. Беше констатирано дека Правилникот за звања беше едногласно усвоен.

Се пристапи кон дискусија по точка 3. Зоран З. даде предлог истата да изнесува 1000 денари годишно. Се постави прашањето како ќе се зачленуваат клубовите, а како индивидуалните членови. Зоран З. предложи само индивидуалните членови да плаќаат членарина, а клубовите само формално да пополнуваат членарина со цел популаризација на НФУ меѓу активните клубови. Владимир Ј. изјави дека треба да се избегне плаќањето на дупла членарина, но да постои можноста клубовите да плаќаат за сите нивни членови. Марина Атанасовиќ изјави дека членарина треба да плаќаат индивидуално сите членови и дека тоа не треба да се меша со клубовите. Димитар Ристески дополни дека за членовите под 18 години, членарината треба да биде со попуст. Зоран изјави дека за редовните членови членарината треба да изнесува 1000 денари, а за членовите под 18 години, 500 денари. На гласање беше ставен предлогот членарината да изнесува 1000 денари за индивидуални членови, 500 денари за ученици под 18 години и клубовите да не плаќаат за членство. Предлогот беше прифатен едногласно.

Се пристапи кон дискусија по точка 4. Зоран З. зеде прв збор и изјави дека треба да се работи кон масовизирање на членството на НФУ. Исто така рече дека е потребно да се зголеми бројот на членовите на Фејсбук групата на НФУ. Јован Н. го постави прашањето за членството на странски државјани во НФУ. Зоран З. изјави дека е потребно за ова прашање да се консултира Законот за здруженија и фондации. Владимир Ј. дополни дека странските државјани можат да бидат почесни членови, но се наметнува прашањето за нивните права и должности кон НФУ. Димитар Ристески изјави дека македонските автори треба да имаат предност пред странските. Димитар Чунговски изјави дека може да се дозволи учество на овие автори на изложбите или активностите организирани од НФУ. Зоран З. изјави дека нема конфликт со Законот за здруженија и фондации, и дека прашањето треба да се реши статутарно, но оставено за потоа. Уште еднаш беше речено дека треба да се работи на упис на нови членови и дека треба да се стимулира аплицирањето за звања. Владимир Ј. побара дозвола да работи на разубавување на веб страната, за што доби согласност од останатите присутни. Зоран најави дека ќе продолжи да работи на Правилникот за награди и го постави прашањето дали истите треба да бидат доделени за претходната година бидејќи НФУ формално функционира од април 2021 година. По Правилникот за награди Зоран ќе го работи Правилникот за изложби. Исто така Зоран предложи да се организира фото-сафари во Берово.

Откако беа исцрпени сите точки на дневниот ред, состанокот беше затворен.

Датум:
16 јануари 2022 година

Записничар:
Владимир Јовановски

PHP Code Snippets Powered By : XYZScripts.com