Записник од Редовна седница на Собранието на ЗГ Национална фото унија одржано на 25 октомври 2023 г.

Присутни членови на Редовна седница на Собранието на ЗГ Национална фото унија: Арсениевска Неда, Атанасовиќ Марина, Бошкоска Мери, Георгиев Александар, Здравев Зоран, Илиевски Стефан, Јовановски Владимир, Кочов Ивона, Мирческа Елена, Ристески Димитар, Томовски Александар, Цветковска Ангела и Чунговски Димитар.

На ден 25 ноември 2023 година (сабота) во 10:00 часот во просториите на Економски факултет во Прилеп започна со работа редовна седница на Собранието на ЗГ Национална фото унија. Пред да биде усвоен дневниот ред се пристапи кон избирање на работното Претседателство. Едногласно за претседател на работното Претседателство беше избрана Мери Бошкоска, записничар Стефан Илиевски, а двајца оверувачи на записник Владимир Јовановски и Александар Томовски. Откако се дополни предложениот дневен ред со сугестиите на Владимир Јовановски и Зоран Здравев, истиот беше ставен на гласање и едногласно усвоен. Пред да започне собранието со формалниот дел, Зоран Здравев зеде збор и ја поздрави работата на НФУ во име на членовите од ФКК Ванчо Прке и ФК Широк агол. Работата на собранието се одвиваше по следниот дневен ред:

  • Ревизија на годишни активности на НФУ за 2022 и 2023 година;
  • План на годишни активности на НФУ за 2024 година;
  • Гласање за доделување на звањата Мајстор на Фотографија на НФУ;
  • Разно;
  • Доделување на благодарници за освоено звање.

Дискусијата по првата точка на дневниот ред започна со читањето на подготвениот извештај – ревизија за годишните активности на НФУ за 2022 година. Бидејќи немаше пријавено говорници, ревизијата беше ставена на гласање и едногласно усвоена. Веднаш се пристапи кон презентација на ревизијата за годишните активности на НФУ за 2023 година. По рефератот беше отворена дискусија и прв што зеде збор беше Александар Георгиев кој праша зошто организацијата на изложбата Прочка не е спомената во ревизијата на што претседателот Стефан Илиевски му одговори дека истата е во организација на Фото-кино клуб Прилеп, а под патронат на НФУ. Следна за збор се јави Марина Атанасовиќ која бараше појаснување за сегментот во рефератот каде што се вели дека постои намалување на бројот на учесници генерално поради рестриктивните политики на PSA. Стефан Илиевски објасни дека ова се однесува генерално, на светско ниво, а не само на македонските учесници. Владимир Јовановски потоа зеде збор и уште подетално ја објасни целата ситуација околу PSA, проблемите со дивизиите, зголемувањето на црвената листа, поставувањето на неадекватни луѓе на високи позиции и честото менување на правилата и дефинициите. Претседателот Стефан Илиевски го надополни Владимир Јовановски со податокот дека пад од 50% на бројот на учесници е видлив и во Купот на македонска фотографија, на што Јовановски реплицираше дека тоа се должи на недоволната медиумска промоција односно слабата активност на социјалните мрежи. Во однос на Купот на македонска фотографија, Владимир Јовановски предложи за следната 2024 година организацијата на конкурсот да се препушти на друг фото клуб со цел диверзификација на активностите и анимирање на членовите. Зоран Здравев зеде збор и рече дека постои проблем со заморот на членовите во фото клубовите и дека во Фото-кино клуб Ванчо Прке освен постојните, нема прилив на нови членови. Според него, дури и постојните членови слабо излагаат и побара предлози како да се реши таквата ситуација. Стефан Илиевски даде кратка сугестија бидејќи Штип е студентски град може треба да поработат на фото школа со цел здобивање на нови членови. Владимир Јовановски предложи организација на фото-сафари излети кои позитивно делуваат на духот меѓу членовите на клубовите или НФУ. Зоран Здравев се согласи и предложи да се направи конкурс после секое фото-сафари налик на изложбата организирана од ФКК Прилеп за Прочка. Димитар Чунговски и Димитар Ристески дадоа идеја да се создаде листа на настани – програма за кои што може да се организира фото сафари со цел полесно да се координираат членовите на НФУ. По завршувањето на дискусијата за ова прашање, Марина Атанасовиќ праша за појаснување на точката со Гласање за доделување на звањата Мајстор на фотографија на НФУ. Стефан Илиевски ја објасни целата проблематика, дека според Статусот и Правилникот за звања на Национална фото унија, Собранието на НФУ мора да ги одобри звањата Мајстор на фотографија на НФУ. Треба да се напомене дека постоеше проблем во работењето на Уметничкиот совет бидејќи освен Марјан Јаневски другите членови немаа мајсторски звања и не можеа да одлучуваат за повисоки звања. Поради тоа ИО на НФУ ги повика Барбара Шмит од Германија и Драгослав Мирковиќ од Србија, и двајцата со мајсторски звања, како привремени членови на Уметничкиот совет во оценувањето на колекциите на Александар Томовски и Владимир Јовановски. Видео од состанокот на Уметничкиот совет беше доставено до сите кандидати за звања. Зоран Здравев дополни дека освен за посоченото и според Правилникот за звања е потребно меѓународно признати и реномирани фотографи да дадат мислење за колекцијата на фотографии се со цел да се избегне пристрасност и други негативни влијанија. Владимир Јовановски и Александар Томовски изјавија дека треба да ги достават своите колекции во печатена форма до архивот на НФУ и дека тоа ќе го направат во најбрзо можно време. Владимир Јовановски исто така се надоврза на нереализираниот конкурс за најуспешна фотографија за основни и средни училишта, и рече дека идејата била на Јован Наумоски кој подоцна изгубил интерес, но дека конкурсот може да се реализира во наредната година од страна на друго лице. По неговото излагање, точката беше ставена на гласање и ревизија на годишни активности на НФУ за 2023 година беше усвоена едногласно.

Откако беа изгласани ревизиите на годишните активности на НФУ за 2023 и 2024 година се пристапи кон дискусија по точка 2. односно изгласување на План на годишни активности на НФУ за 2024 година. На почетокот Мери Бошкоска и Стефан Илевски го образложија предлог планот за активности за наредната година. Според дискусијата од претходната точка беше даден предлог да се направи календар на настани и манифестации што подоцна ќе послужи во организацијата на фото-излети. Беа дадени повеќе предлози од страна на присутните, а Стефан Илевски изрази желба да направи табела на настани. Предлог-дополнувањето за изработка на календар на настани беше ставено на гласање и едногласно усвоено. Следниот предлог за проширување на годишната програма беше со назначувањето на организатор на Купот на македонска фотографија. Бидејќи наредната изложба е планирана за Прилеп, Владимир Јовановски го предложи Димитар Ристески за организатор на конкурсот со назнака да се поработи на медиумската покриеност и маркетингот на изложбата. Зоран Здравев предложи да се додаде нова тема на Купот на македонска фотографија, а Стефан Илиевски се надоврза таа да биде насловена како „убавините на Македонија“. Владимир Јовановски праша по колку фотографии да се дозволат за прикачување на конкурсот, дали да бидат тоа 4 или 6. Марина не се сложи тоа да бидат 6 и даде образложение зошто не треба да биде така. Зоран предложи да се додели награда најдобар дебитант на конкурсот, а Стефан додаде дека жирирањето треба да биде јавно за да може секој учесник да присуствува, но без право на гласно мислење. Владимир Јовановски изрази поддршка на јавното жирирање, но рече дека жирито би требало да внимава да не ги навреди чувствата на учесниците. Владимир Јовановски повторно се наврати на темата за конкурсот за најуспешна фотографија за основни и средни училишта и го постави прашањето како да се стигне до контакт со професорите по ликовно образование за поуспешно реализирање на настанот. Димитар Ристески предложи НФУ да реализира работилници со цел зголемување на интересот во самата НФУ, но и за анимирање на потенцијални нови членови. Марина Атанасовиќ рече дека искуството со работилниците во Фото клуб Куманово не е позитивно, односно дека учесниците брзо губат интерес за истите. Александар Георгиев изјави дека предавањата треба да бидат интересни, да отстапуваат од вообичаениот шаблон и да се одржуваат почесто за истите да бидат успешни. Владимир Јовановски рече дека ќе подготви листа на теми и дека тие што е кандидати мајстори или мајстори е потребно да си изберат тема и одржат предавање на истата. Начелно постоеше согласност овие предлози да бидат имплементирани во постоечкиот план, но истите беа оставени на понатамошна реализација на Извршниот одбор на НФУ. Планот на годишни активности на НФУ за 2024 година беше изгласан едногласно.

По прифаќањето на точка бр.2 се премина на наредната точка од дневниот ред, односно гласањето за доделување на звањата Мајстор на фотографија на НФУ. По кратко образложување на Стефан Илиевски се премина кон гласање и Александар Томовски и Владимир Јовановски кои по поединечно гласање едногласно беа избрани за мајстори на фотографија на НФУ.

Со избирањето на звањата беше завршена расправата по точка бр.3 и се премина кон точка Разно. Марина Атанасовиќ прва се јави за збор и изрази благодарност од името на Фото клуб Куманово за активностите и напорите што Национална фото унија ги прави за фотографијата во нашата држава. Исто така додаде дека треба да се направат напори за да се вклучи Северо-западна Македонија [Тетово, Гостивар…] во активностите на НФУ. Нејзин предлог беше да се додели награда на Купот на македонска фотографија наречена по некој доајен на македонската фотографија. Владимир Јовановски ги запраша претставниците на клубовите на кој начин НФУ може да им помогне за клубовите да заживеат во нивната работа. Мери Бошкоска рече дека им недостасуваат предавачи за да врзат обука на нивните членови. Со ова беше заклучена дискусијата по точка бр.4 и се пристапи кон свечено доделување на благодарници за освоено звање со што беше успешно завршена Редовната седница на Собранието на ЗГ Национална фото унија за 2023 година.

Записничар:

Стефан Илиевски

Оверувачи на записник:

Александар Томовски

Владимир Јовановски

PHP Code Snippets Powered By : XYZScripts.com