Мајски Салон 2026

Во Занаетчискиот дом во Куманово беше отворена традиционалната изложба на уметничка фотографија, во организација на Фото кино клуб „Козјак“ од Куманово, со поддршка од Општина Куманово и Фондацијата за култура и спорт Куманово.

Оваа година настанот имаше и посебно значење, бидејќи во рамки на свечената програма беше официјализирано збратимувањето помеѓу Фото кино клуб „Козјак“ и Фото клуб Загреб од Хрватска. Со ова се продолжува долгогодишната традиција на меѓународна соработка, пријателство и размена на фотографски искуства, која кумановскиот клуб успешно ја гради низ годините.

По отворањето, публиката имаше можност да ја проследи изложбата „Црно бел Загреб“, поставена во салонот на НУЦК „Трајко Прокопиев“ во Куманово. Изложбата претстави селекција на фотографии од 50 автори, членови на Фото клуб Загреб.

Преку црно белата фотографија, авторите го прикажуваат пулсот на урбаниот живот, секојдневните сцени, луѓето, просторот и моментите кои често поминуваат незабележано. Делата носат силна визуелна и емотивна порака, претворајќи го секојдневието во уметнички израз.

На настанот беа доделени благодарници на учесниците, како и на претставници од локалната самоуправа и поддржувачите на изложбата. Овој настан уште еднаш ја потврдува важната улога на Фото кино клуб „Козјак“ во развојот на фотографската култура во Куманово и во градењето мостови на соработка со клубови од регионот.

PHP Code Snippets Powered By : XYZScripts.com