Во петок, на 8 март 2024 година, Уметничкиот совет на Национална фото унија на Македонија одржа состанок на кој беа разгледани статистиките и постигнувањата на своите членови во изминатата 2023 година. Членовите на уметничкиот совет ги оценуваа фотографиите и колекциите на сите членови на НФУ врз основа на бројот на награди и успеси што ги постигнале, и по подолга и содржајна дискусија ги прогласија победниците за наградите Фотографија на годината и Колекцијата на годината за 2023 година.
Престижната награда Фотографија на годината му беше врачена на Зоран Здравев член на фото клуб „Широк Агол“ од Штип и Фото клуб „Куманово“ од Куманово, за неговата прекрасна фотографија насловена „Macedonian Archeological Museum“. Фотографијата минатата година освои 5 награди на меѓународни конкурси, меѓу кои еден златен и два бронзени медали.
Наградата за колекција на годината му беше доделена на Александар Томовски од Скопје за неговата импресивна серија фотографии насловена „Behind The Curtains“.
Покрај овие награди, Уметничкиот совет ја одобри и апликацијата за Кандидат Фотограф на НФУ на Невенка Петковски.
Уметничкиот совет на Национална фото унија на Македонија со гордост ги признава извонредните достигнувања на своите членови. Овие награди и звања служат како доказ за напорната работа, посветеноста и страста што овие фотографи ги носат во нивниот занает, и ги инспирираат сите членови на унијата да продолжат да ги поместуваат границите на она што е можно во светот на фотографијата.