Димитар Чунговски со самостојна изложба во Никозија

Македонскиот фотограф Димитар Чунговски ќе ја претстави Македонија со самостојна изложба во рамки на 10. Интернационален фестивал на фотографија, кој се одржува од 21 до 24 мај 2026 година во организација на Near East University, Факултет за комуникации, во Никозија, Турска Република Северен Кипар.

На фестивалот Чунговски ќе се претстави со изложбата „Големиот свет на малиот човек“, преку која го прикажува човекот, неговата внатрешна состојба, секојдневието и емотивниот простор што го носи во себе. Неговата фотографија се одликува со силен авторски пристап, јасна визуелна порака и чувствителност кон темите што го допираат современиот човек.

Учеството на македонски автор на ваков меѓународен фестивал претставува значаен придонес во промоцијата на македонската фотографија надвор од нашите граници. Ваквите претставувања ја потврдуваат вредноста на домашната фотографска сцена и отвораат нови можности за културна размена, соработка и препознавање на нашите автори во поширок меѓународен контекст.

Националната Фото Унија на Македонија му честита на Димитар Чунговски за ова значајно претставување и му посакува успешна изложба и достојна презентација на македонската фотографија.

PHP Code Snippets Powered By : XYZScripts.com